Хелсиншкиот комитет за човекови права реагира на одлуката на Јавното обвинителство да покрене обвинение пред надлежен суд против Пале Илоска од Велес, долгогодишна жртва на семејно насилство.

Сметаме дека во конкретниов случај станува збор за акт на самоодбрана, односно, за институтот нужна одбрана, а не за сторено кривично дело „убиство на миг“. Имено, според достапните информации и изјавите на сведоците кои беа пренесени во медиумите, Илоска неколку години била во врска со велешкиот полицаец, кој претходно бил осудуван за изнуда и други кривични дела. Во текот на нивната врска, таа често била малтретирана и тепана. Имајќи предвид дека убиството се случило во момент додека починатиот вршел физичко насилство и директно го загрозил животот на жртвата, се јавуваат индиции дека станува збор за нужна одбрана, се наведува во реакцијата на Хелсиншкиот комитет.

Впрочем, овие индиции, додаваат од Хелсиншкиот комитет, се потврдени и во соопштението од Јавното обвинителство.

Токму поради ова, Хелсиншкиот комитет бара судот да постапува со должно внимание во овој предмет и да ги разгледа сите решителни факти. Особено, треба да ги има предвид историјата на насилството врз жртвата, интензитетот на нападите и на повредите кои претходеле на настанот, раздразнетоста и уплавот кај жртвата во моментот на случување и истовремениот противправен напад – ударите по телото на жртвата, давењето и сериозноста на заканата по нејзиниот живот.

Судот ќе треба да утврди под кои околности се случило убиството, но сметаме дека нужната одбрана не треба да се гледа само во времето кога се случил настанот, туку треба да се земе предвид дека Илоска била долгогодишна жртва на психичко и физичко насилство, со што кај неа се развил интензивен страв за нејзиниот живот. Понатамошното постапување на правосудните органи во овој случај несомнено ќе го одрази и нивото на општествена свест, а ќе придонесе и за охрабрување на жртвите за пријавување на насилство врз жените и семејно насилство, се додава во реакцијата на Хелсиншки.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.