Основното јавно обвинителство Кавадарци изврши увид на лице место, телата на двете починати лица се дадени на обдукција. Прибрани се траги и докази кои ќе бидат предмет на вештачење. Првичните сознанија упатуваат дека се работи за убиство и самоубиство. Ова попладнево го рекоа од Обвинтелството за МИА.

Претходно, МВР информираше за МИА дека повозрасниот демиркапиец и претходно го пријавувал младиот сосед за тропање од горе, денеска двајцата се пронајдени со прострелни рани. Ова го одговорија од МВР на прашање од МИА, во врска со убиството и самоубиството во Демир Капија.

Последното пријавување е на 19 јануари годинава. Повозрасниот го пријавил помладиот, со поплака за тропање. Нарушени меѓусоседски односи, без некои инциденти, без контакти. Помладиот бил повикан и бил предупреден, како што е ред, кога има поплака. Соседи, смирете се, во таа смисла. Бил извршен разговор со него. Тепачки никогаш немале, појаснија од МВР.

Како што информираа од МВР, демиркапијците со прострелни рани се на возраст од 72 и 34 години.

Денеска во 06.50 часот во Полициската канцеларија Демир Капија било пријавено дека во нивните домови со прострелни рани биле пронајдени Б.М.(34) и М.К.(72), двајцата од Демир Капија. Смрт кај двајцата констатирал лекар од Итна медицинска помош, а во координација со јавен обвинител на местото се врши увид, соопштија од МВР.

Веста за убиство и самоубиство ја потресе демиркаписката и Тиквешката јавност.

Видно потресен, градоначалникот на Демир Капија, Лазар Петров потврди за МИА дека се случил немил настан, но не знаеше да каже детали за случајот. Изрази жалење и очекува истрагата да покаже што точно се случило.

Според првичните сознанија, повозрасниот демиркапиец по претходна расправија пукал во соседот што живеел над него во зграда, па се самоубил.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.