Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 46-годишна скопјанка за кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 2 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.

Како што соопштуваат од Основното јавно обвинителство, осомничената, на паркинг на улицата „Никола Карев“, при вршење семејно насилство, со умисла се обидела да го лиши од живот нејзиниот поранешен партнер.

По претходна вербална расправија во казино, додека оштетениот играл на апаратите, осомничената во видно алкохолизирана состојба, започнала да крши чаши и да удира по апаратите за играње, известуваат од ЈО.

Во соопштението пишува дека оштетениот заедно со неговиот пријател излегле од казиното, но по нив излегла и осомничената, која на паркингот го нападнала со метални ножици и со сечивниот дел од ножиците му нанела два убода и тоа во пределот на градниот кош – срцето и пределот на абдоменот.

Бидејќи постојат околности што укажуваат дека има опасност осомничената да се крие односно да се даде во бегство, од Јавното обвинителство велат дека постои основан страв дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз оштетениот, сведоците и вештаците, и дека би можела го повтори кривичното дело односно ќе го доврши обиденото кривично дело.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.