Матурант од скопската гимназија „Георги Димитров“ во неделата бил пронајден мртов во Центар, а веста за трагедијата на социјалните мрежи се рашири пропратена со многу шпекулации.

Професорката Виолета Ачковска во објава на „Фејсбук“ напиша дека има неколку сомнителни смртни случаи на млади луѓе, ученици, на кои наводно им била ставена дрога во кафуле.

Дали некој знае дека денес се погребува гимназијалец отруен од дрога ставена во пијалок во кафич. Дали некој знае уште за неколку слични случаи на деца, кои по халуцинација се фрлат од 5-ти спрат и слични самоубиства. Можеби некој знае, но не оваа јавност која се’ уште е „траурна“ од смртта на малата Тамара, нека почива меѓу ангелите, напиша професорката на социјалните мрежи.

Предмалку таа ја отстрани својата објава.

Сузаната Тренчевска, мајката на Јован, во еден од коментарите на овој статус ја потврди информација за смртта, без дополнителни детали за причината.

Детето е Јован, мојот син, мојот ангел момче кое беше прекрасен син. Нажалост јас како мајка неуспеав да му се најдам тогаш кога најмногу сум му била потребна. Да се биде родител во оваа „држава“ е многу тешко без поддршка на „институциите“. „Институциите“ сигурно ќе го затворат случајот како самоубиство, затоа што така е најлесно. Моја е вината што тоа го дозволив и што останав тука да ги растам децата. За каде? За во Бутел, пишува мајката на Јован во коментар.

Од МВР за „Република“ велат дека во неделата, 12 март, во СВР Скопје е пријавено дека на плочник пред зграда на подрачјето на Центар е пронајден починат Ј.Т.(18).

Извршен е увид од страна на полициски службеници и по насока на Јавен обвинител телото е дадено на обдукција, при што е утврдено дека починал поради повреди настанати од пад од висина, велат од МВР.

Оттаму не одговорија на прашањата дали во земјава е пристигнат новиот тип на дрога, кој веќе се шири меѓу младите, особено средношколците.

Според српските медиуми, во регионот се појавила нова дрога посилна од екстази, во вид на гуми за џвакање и бонбони. Станува збор за таканаречениот „снус“, вид кршен тутун.

Од МВР, исто така, не одговорија дали се преземаат некакви поголеми контроли околу училиштата и дали сметаат дека е потребен апел до родителите и укажување на што да внимаваат за да ги заштитат своите деца.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.