Утрово, во Основниот суд Велес започна судењето на Павлинка Илоска која се товари за кривично дело „убиство во миг“. Таа пред судот кажа дека не се чувствува виновна бидејќи делото го направила во самоодбрана.

Судењето одеше експресно – за еден ден сослушани сите сведоци, изнесени доказите, кажани завршените зборови. Објавата на пресудата е закажана за утре во 13 часот.

Се каам и жалам за стореното, но тоа беше борба за живот, ако не беше тој, јас ќе бев мртва. Кога почна да ме дави јас претав со нозе, со раце, немав сила да му се спротивставам. Се вративме од гости околу полноќ, тој пиеше, јас утрината бев работа и сакав да спијам. Побара од мене да сум направела есап колку пари сме потрошиле, а јас од желба за сон сум заспала. Тој во таква состојба се нафрли врз мене. Бев како фудбалска топка, ме шутираше со нозе. Па ме фати за врат, му реков немој Александар ќе ме удавиш, се уплашив. Почнав да губам свест, гледав само некоја светлина, немав воздух да дишам. И во таа борба за живот кога стивнавме до кујната фатив некој предмет, не знаев што е, само сакав да го удрам да ме ослободи. Почувствував дека наеднаш губи сила и ме ослободи. Видов дека има нож во градите, ги раскажа кошмарните моменти од фаталната вечер на 29 септември лани, кога при семејно насилство го уби нејзиниот партнер Ристовски во нивната куќа во Велес.

Павлинка, и покрај сè, неколкупати повтори дека го сакала Александар.

Се надевав дека ќе се промени, му давав шанси, оти го сакав. Кога не беше пијан тој беше многу добар човек, додаде таа.

Сведочењето беше мачно и во тажна атмосфера, а Павлинка повеќепати прекинуваше поради силните емоции и солзите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.