Утрово во Основниот суд Велес започна судењето на Павлинка Илоска – Пале која се товари за кривично дело „убиство во миг“, за убиството на нејзиниот долгогодишен насилен партнер, полицаецот Александар Ристовски.

Правните експерти и граѓански организации алармираат дека 23-годишната велешанка не треба да се гони за дело „убиство во миг“, туку за убиство од самоодбрана, зошто и во самото обвинение пишува дека таа му го задала смртоносниот убод со нож откако тој ја нападнал, а потоа и ја давел.

Јавноста будно го следи целиот случај со малтретираната Пале, а свое видување има и познатата твитерџика Ина Многуфина, според која ова судење отвори Пандорина кутија во македонскиот правосуден систем.

Денес почна судењето на Пале и како да се отвори пандорина кутија. Сведочењата потврдија дека починатиот во многу наврати бил пријавуван за насилство, од страна на членови на нивните семејства и од соседите, но полицијата никогаш не дошла, ниту постапила. И само што мислите дека не може да е полошо, на дописот на Хелсиншкиот комитет до СВР Велес, со кои беа побарани информации поврзани со случајот, беше добиен одговор дека воопшто немало пријави за насилство. Дали полицијата го заштитувала колегата? Ќе видиме, случајот ќе се шири и ќе се бара одговорност и за тоа, бидејќи доколку било така тогаш придонеле за трагичниот исход. Да потсетам, ја судат за убиство во миг иако е самоодбрана. Дали случајов ќе го отвори системот ко пупка за да дознаеме дека тие што треба да ја бранат жртвата, го бранат напаѓачот? И што судот прави, дали стварно има правда за жртвите? Целото мое внимание е кон судењево. Јас лично очекувам ослободителна пресуда, пишува Ина Многуфина, барајќи правда за Пале.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.