Кривичниот суд оформи предмет за спорното интервју на новинарот Драган Павловиќ-Латас со јутуберот Стефан Лазаров.

По предлогот на Обвинителството за определување мерки за претпазливост против двете лица, судот со решение го уважи предлогот и на обвинетиот Латас му се определува превентивна мерка, и тоа привремено одземање на патната исправа, односно забрана за нејзино издавање и забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело, односно забрана за јавен настап, со кој се промовира ширење расистички и ксенофобичен материјал.

На обвинетиот јутубер Стефан Лазаров исто така му се определува мерка на претпазливост поради присуство на обвинетиот, и тоа забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело, односно забрана за јавен настап, со кој се промовира ширење расистички и ксенофобичен материјал, соопшти судот.

Претходно, Основното јавно обвинителство Скопје пред надлежниот суд поднесе обвинителен предлог против двете лица за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.

Двајцата обвинети преку компјутерски систем ширеле расистичка и ксенофобична репрезентација на идеја што промовира насилство спрема жени, со што предизвикале реакции и чувство на згрозеност и вознемиреност во јавноста. Првиот обвинет, гостувајќи во интервју објавено на 14 февруари како поткаст на јутјуб-канал на вториот обвинет, јавно промовирал чин на полово насилство евоцирајќи спомени од неговото наводно минато, без да изнесе морална осуда или каење, со тоа свесно промовирајќи го таквото насилничко однесување, соопшти Обвинителството.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.