Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело насилство според член 386 став 6 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Од Јавното обвинителство денеска информираа дека постои основано сомнение дека 40-годишниот скопјанец, на 28 ноември во ресторан на улицата „Лондонска“, најпрво започнал вербална расправија со едно лице, а потоа и физички го нападнал.

Кога неколку други лица се обиделе да ги раздвојат, осомничениот извадил нож на расклопување и на едно од присутните лица кои се обидувале да го оттргнат му нанел четири убодни рани со кои му предизвикал тешки телесни повреди на градниот кош и на раката, појаснуваат од Јавното обвинителство.

Кај останатите присутни во ресторанот осомничениот предизвикал чувство на страв, загрозување и несигурност.

Надлежниот јавен обвинител оцени дека во конкретниот случај постои опасност осомничениот да се даде во бегство, да го повтори делото или да влијае врз сведоците во постапката, па до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор, се наведува во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.