СВР Штип, до Основното јавно обвинителство Штип, поднесе кривична пријава против 26 лица за злоупотреба на службена положба и овластување, фалсификување исправа и несовесно работење, така што во периодот од 2021 до 2023 година во 35 наврати испорачале многу помала количина на нафта за греење од количината која што ја фактурирале и наплатувале од градинки, основни и средни училишта под надлежност на општина Штип, со што на Буџетот на општина Штип била предизвикана штета во износ од 18.403.386 денари.

Како што информираат од Министерството за внатрешни работи против З.А. (51) од Неготино и Љ.П. (43) од Неготино поднесена е пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, против А.М. (40) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување исправа“, против Љ.Т. (41) од Неготино поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање“ во врска со „фалсификување исправа“, против М.А. (62) од Штип и С.К.,(63) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ и против уште 20 лица од Штип, исто така, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.

Првообвинетиот З.А. како одговорното лице во правно лице од Скопје и второобвинетиот Љ.П. – сопственик на правното лице, кое се јавува како носител на јавна набавка за испорака на нафта за греење – екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1), распишана од општина Штип за потребите на градинките, основните и средните училишта под надлежност на општина Штип, од 2021 до 2023 година во 35 наврати испорачале многу помала количина на нафта од количината која што ја фактурирале и наплатувале од горенаведените установи.

Третопријавениот А.М. – вработен во општина Штип, со овластување од градоначалникот на општина Штип да врши прием, распределба и достава на нафта во установите, разликата од фактурираната количина и реално доставената количина, според оригиналните вагарски белешки евидентирани во електронскиот систем на вагата на терминал во Штип ја прикривале на тој начин што изготвувале лажни вагарски белешки, кои третопријавениот ги приложувал во општина Штип, во списите од предметот на јавната набавка.

Четвртопријавениот Љ.Т. – возач на цистерната со која е доставувана нафтата, и покрај тоа што знаел дека се испорачува помала количина на нафта, изготвувал товарни листови со невистинити количини, со што им помагал на прво и второпријавените во дејствијата.

Петтопријавениот М.А. – овластено лице за прием на нафта но општина Штип, не постапил согласно своите овластувања, односно пред и по источување на нафта кај корисниците, не вршел претварање на разликата на нафта од килограми во литри според коефициентот на густина на нафтата, евидентиран во Сертификатот кој му го приложувал четвртопријавениот.

Шестопријавената С.К. – секретар на општина Штип, на 26.01.2021 година по распределба на нафта по јавните установи во општина Штип, била запознаена дека се појавувало разлика од помалку доставена нафта од онаа која што била наведена во записниците и испратниците. После тоа, таа со допис барала документ за точноста на вагата во терминалот во Штип, а откако била известена дека вагата е точна не презела никакви понатамошни мерки за корегирање на наведениот недостаток на нафта до носителот на јавната набавка.

Останатите 20 лица – М.К., М.А., В.Ќ., Б.С., И.М., Р.П., С.Д., Г.К., Д.М., К.Р., З.Ш., И.Г., Д.К., Д.Д., Т.А., Б.С., Т.Н., П.М., К.Н. и Б.Ќ., сите од Штип, во својство на одговорни лица за прием на нафта во јавните установи, при примањето на нафтата од возачот ја потпишувале испратницата без целосно да ја спроведат постапката за прием на нафта, односно мерење на висината на нивото на резервоарот пред и по источување и внесување на истите мерки во Записникот за измерено ниво нафта во резервоарот.

Со ваквите дејствија на Буџетот на општина Штип била предизвикана штета во износ од 18.403.386 денари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.