Институтот за судска медицина се оградува од сите написи во кои ќе бидат објавени неофицијални информации, а каде како извор ќе биде наведен Институтот, посочуваат од оваа институција по објавата на електронскиот медиумот „Скопје1. мк“, кој вчера објави информација за начинот на кој била убиена 14-годишната Вања Ѓорчевска.

Категорично тврдиме дека овој медиум не добил никаква изјава, ниту информација во усна или писмена форма од Институтот. Само изјава дадена од одговорното лице на Институтот, која е во вид на аудио или видеоснимка или во писмена форма, може да се смета за релевантна и точна и тогаш медиумите може да цитираат дека изворот на информацијата е од Институтот. Додека трае истрагата Институтот за судска медицина се оградува од сите написи во кои ќе бидат објавени неофицијални информации, а каде како извор на информацијата стои Институтот за судска медицина, истакнуваат од Институтот.

Оттаму, известуваат дека по пронаоѓање на телата од покојните Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Институтот бил активно вклучен во истрагата, како при увидот на местото на пронаоѓање на телата така и во вршење на обдукциите.

– По завршување на обдукциите телата на починатите беа предадени на семејствата, а Институтот продолжи со понатамошните анализи кои се спроведуваат после секоја обдукција. Извештаите од обдукциите за починатите беа доставени во Основното јавно обвинителство Скопје на ден 22 декември 2023 година. Од доставување на обдукциските наоди, веќе во наредните денови почнаа да се појавуваат информации кои се дел од истрагата и кои треба да бидат тајни додека трае истата, велат од Институтот за судска медицина.

Од Институтот напомнуваат дека како судски медицинари, кои се активно вклучени во истрагата за овој сензитивен предмет, се обврзани да го почитуваат Законот за кривична постапка, односно член 289 кој се однесува на тајност на предистражната постапка и кој вели дека „сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се сметаат за тајна“, како и член 299 од истиот Закон, кој се однесува на тајност на истражната постапка и каде ставот 1 вели дека „доколку тоа го бараат интересите на кривичната постапка, потребата да се зачува тајна или да се заштити личниот и семејниот живот на оштетениот или осомничениот, јавниот обвинител ќе му нареди на лицето кое го сослушува, кое присуствува на истражното дејствие или кое ги разгледува списите, да ги чува како тајна определени податоци и ќе го предупреди за последиците од оддавањето на тајната“ и ставот 2 кој вели дека „наредбата од ставот (1) на овој член посебно се внесува во записникот, односно се забележува во списите што се разгледуваат, со своерачен потпис на лицето кое е предупредено за должноста на чување тајна“.

Ги потсетуваме новинарите дека според Кодексот на новинари тие се должни и мора да ја почитуваат личната болка на семејството, а сите извештаи за судски постапки мора да им бидат ослободени од сензационализам. Воедно новинарите имаат одговорност да известуваат урамнотежено, со сигурни докази потврдени од релевантни извори и секогаш почитувајќи ги личната болка и жалост на најблиските, потенцираат од Институтот.

Оттаму, напомнуваат дека Институтот за судска медицина продолжува со сите законски предвидени дејствија за овој предмет кој се и ќе бидат дел од доказниот материјал, а кој со јавноста ќе бидат споделени во оној дел во кој тоа го дозволува Законот за кривична постапка.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.