Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 44-годишен државјанин на Република Албанија, осомничен за кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“, а Основниот кривичен суд Скопје му определен притвор во траење од осум дена.
Како што информира ОЈО, на граничниот премин „Долно Блаце“, осомничениот физички нападнал полициски службеници кои вршеле проверка на патните исправи при влез во државава.
Проверката на личните податоци во патната исправа на осомничениот покажала дека по лицето е распишана меѓународна потерница од Интерпол – Грција за сторени кривични дела „убиство, грабеж и кражби“. При спроведување, тој започнал да дава активен отпор и да се обидува да избега, удирајќи ги двајцата полициски службеници и нанесувајќи им телесни повреди. Двајцата полицајци го совладале и го привеле, соопшти ОЈО.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, имајќи предвид дека постои опасност тој да се даде во бегство, како и да го повтори делото. Предлогот беше прифатен и со решение на Основниот кривичен суд Скопје на осомничениот му е определен притвор во траење од осум дена за делото кое се гони во скратена постапка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.