Штипското основно јавно обвинителство донесе наредба за истражна постапка против две лица, осомничени дека сториле тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Двајцата осомничени, во вечерните часови на 31 мај, предизвикале тешка сообраќајна несреќа со смртни последици.
Првиот осомничен управувал автомобил „опел астра“, а вториот осомничен автомобил „сеат леон“, тргнувајќи истовремено од бензинска пумпа на кружниот тек на влезот на Штип. Со брзина поголема од максимално дозволената се движеле по улицата „Брегалничка“, еден зад друг. Приближувајќи се до крстосница, наместо да ја намалат брзината, едното возило започнало да го претекнува другото и навлегло во коловозна лента за сообраќај од спротивна насока. Во тој момент, во таа лента се движел автомобил „југо“, во кој се превезувале двајца сопружници. Возачот на автомобилот „југо“ се обидел да го избегне автомобилот кој му доаѓал во неговата лента, но притоа директно удрил во другиот престигнуван автомобил, соопшти ЈО.
Како резултат на судирот и здобиените повреди, во несреќата починале двајцата сопружници.
Ценејќи дека се исполнети законските основи, јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот суд во Штип доставил предлог за определување притвор за двајцата осомничени. Судот го прифатил предлогот и на осомничените им е определен притвор во траење од 30 дена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.