Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка и предложи мерка притвор за 38-годишен скопјанец, осомничен за „тешка кражба“ во скопски хотел.

Како што соопшти денеска Јавното обвинителство, осомничениот е претходно повеќепати осудуван за истородни и други кривични дела и се наоѓал на издржување затворска казна во КПУ Затвор Прилеп, но побегнал и од 5 јули по него била распишана потерница.

Периодот додека бил на слобода го искористил да стори ново кривично дело, па на 8 јули во вечерните часови влегол во службени простории на хотел во Скопје и одзел туѓи подвижни предмети со намера противправно да ги присвои, се наведува во соопштението.

Од хотелот, како што се посочува во соопштението, тој успеал да украде метален сеф заклучен со шифра, а во кој имало парични средства во износ од околу 1400 евра, како и клучеви од хотелот, неколку сим картички како и пет патни исправи на гости сместени во хотелот. Вкупната вредност на одземените предмети се проценува на околу 100.000 денари.

Потоа го напуштил местото на настанот, но се вратил следниот ден и кога се приближил до службениот паркинг, му пристапиле членови на обезбедувањето на хотелот. Осомничениот со спреј за самоодбрана ги испрскал во очите и веднаш почнал да бега, влегувајќи во такси возило. Возилото било пријавено и сопрено од полициски службеници кај Градежен факултет Скопје, по што пријавениот бил лишен од слобода, информираат од Јавното обвинителство.

Во конкретниот случај според јавниот обвинител постојат околности што очигледно укажуваат на опасност од бегство, па до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје тој доставил предлог за определување мерка притвор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.