Основното јавно обвинителство – Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 68-годишен жител на Арачиново кој вчера пријавил во полиција дека во сопствениот дом испукал куршум кон неговата сопруга, нанесувајќи и тешка телесна повреда во главата, во пределот на увото.

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 68-годишен жител на Арачиново, осомничен дека сторил кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ по член 292 став 1 во врска со член 288 став 1, како и кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ според член 396 став 1 од Кривичниот законик – информираат од ОЈО Скопје.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерки на претпазливост за осомниченото лице – забрана за напуштање на живеалиштето, обврска повремено да се јавува кај определено службено лице и привремено одземање на патната исправа.

Како што се наведува во соопштението, судијата го прифатил предлогот на јавниот обвинител и на осомничениот му ги определи бараните мерки на претпазливост во текот на кривичната ​постапка.

Претходно, Министерството за внатрешни работи информираше дека осомничениот околу 13:40 часот во текот на вчерашниот ден сам се пријавил во полициска станица, каде бил приведен. Неговата сопруга била пренесена во комплекс клиники „Мајка Тереза“ каде и се констатирани тешки телесни повреди.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.