Во БиХ ноќеска се регистрирани над 30 земјотреси откако синоќа првиот најсилен земјотрес со сила од 5,7 степени по Рихтер е регистриран во 23:07 часот со епицентар во близина на градот Столац.
Столац е најтешко погоден, а од последиците на земјотресот почина 28-годишната Елмира Сефо. Врз семејната куќа на Сефо паднала карпа која се одвоила од блиската планинска падина.
Карпата според Дневни аваз паднала директно врз кровот на куќата на Сефо и ги повредила сите членови на семејството. Елмира била потешко повредена и починала во кантоналната болница каде што била пренесена. Нејзините родители се повредени.
Весникот Аваз објави и фотографии на кои се гледа огромна дупка на кровот на куќата на Сефо во Столац. Полицијата врши увид.
Од Кантоналната болница „Д-р Сафет Мујиќ“ за порталот „Аваз“ потврдија дека починала девојката Е.С. (28), која била донесено од Столац во тешка состојба. И покрај напорите на лекарите и долгата реанимација, им подлегнала на повредите.
Жителите на Столац се вознемирени и преплашени. Неколкумина од нив барале помош од лекарите поради силни напади на паника затоа што во тој реон каде е епицентарот цела ноќ не престанало тресењето на земјата.
Во земјотресите се повредени полесно уште десетина лица. Има повеќе оштетувања на куќи и згради особено во Херцеговина каде и беше најсилниот удар. На повеќе патишта во близина Столац има одрони и издадено е предупредување за внимателност на возачите.
Земјотресите беа почувствувани во цела БиХ, но исто така и во Хрватска и нејзиното јужно приморје, во Црна Гора во чија близина е епицентарот, во Србија, Албанија.
Првиот силен земјотрес беше почувствуван и во западните и северните делови на Македонија, а скопската опсерваторија објави дека во државата земјотресот бил почувствуван како потрес од 3 степени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.