По целодневните состаноци на Советот за национална безбедност, со преставниците на косовските Срби и амбасадорите на Квинта, Русија и Кина, поради одбивањето на Приштина да го прифати договорот за учество на граѓаните од српска националност на Косово на изборите за парламентот и за претседател на Србија, на 3 април, претседателот Александар Вучиќ во вечерашново обраќање до јавноста изјави дека „Србија одбила да го признае Косово за Србите да можат да гласаат“, јави дописникот на МИА од Белград.

Прифативме безброј компромиси, безброј бесмислени работи на кои тие инсистираа само за да дозволат луѓето да можат да гласаат за кого сакаат. Приштина инсистира само Србија да ја признае независноста на Косово, Србија тоа не можеше и нема да го прифати, без разлика на цената, бидејќи ниту еден глас и ничија власт не е толку важна колку што ни е важна државата. Затоа не се согласивме со тоа, изјави Вучиќ.

Како што кажа, биле разгледувани и опциите Србите од Косово и Метохија да гласаат на најблиските избирачки места во централна Србија, и најави дека најголем број косовски Срби ќе организираат протести поради ваквата одлука на Приштина.

Ги замолив Србите од Косово на трпение, кои едногласно побараа веднаш да ги напуштат сите институции и 435 полицајци на северот да ја напуштат регионалната полиција, уште еднаш да размислат за да сите заедно да реагираме, кажа Вучиќ.

Советот за национална безбедност разговараше денеска и за сите аспекти на украинската криза со надеж дека Србија може да ги ублажи последиците, кажа Вучиќ и додаде дека е договорено Белград да купи дополнителни количества нафта и млеко во прав за резервите.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.