Српскиот претседател Александар Вучиќ, по средбата со специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак и специјалниот претставник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар, изјави дека разговорите не биле лесни и дека тие ќе продолжат вечерва, јави дописникот на МИА од Белград.

Претседателот на Србија по разговорите во видео порака на Инстаграм профилот „будуќностсрбијеав“ рече дека разговорите не биле лесни и дека ќе продолжат вечерва во 22 часот.

– Се надевам на компромис, но секако ќе ги заштитиме интересите на Србите на Косово и Метохија, рече Вучиќ.

Тој им порача на Србите на Косово дека секогаш ќе се бори за мир и стабилност и дека ниту за секунда нема да отстапи од српските витални национални и државни интереси.

– Пред се, нема да отстапиме од вашите интереси, вашата безбедност и сигурност, рече Вучиќ.

По средбата, Мириослав Лајчак на Твитер соопшти дека средбата со Вучиќ претставувала тешка, но и одговорна дискусија.

– Имав тешка, но одговорна дискусија со претседателот на Србија. Ги пренесов пораките и нагласив дека мора да се спроведат сите договори постигнати во рамките на дијалогот, вклучително и Договорот за слобода на движење од 2011 година. Разговорите ќе ги продолжиме подоцна вечерва, напиша Лајчак.

Ескобар, кој заедно со Лајчак ја напушти зградата на Генералниот секретаријат на претседателот на Република Србија каде се водеа трилатералните разговори, рече дека ја цени посветеноста за мир на српскиот претседател Александар Вучиќ.

– Имавме тежок и долг состанок со претседателот Вучиќ. Ја цениме посветеноста на претседателот за мир и стабилност. Ќе продолжиме понатаму, соопшти Ескобар, а американската амбасада го објави тоа на Твитер.

Лајчак и Ескобар претходно денеска одржаа средба со претставниците на Српската листа во зградата на општина Северна Митровица на Косово, по што специјалниот претставник на ЕУ рече дека тој и Ескобар прават се за повторно да нема барикади и луѓето да не се плашат за нивните животи.

Еден ден претходно, на 24 август, претставниците на ЕУ и САД, исто така, одржаа состаноци со косовските претставници.

Причината за овие средби е кризата настаната во Косово поради намерата на Приштина од 1 септември да почне да ја спроведува одлуката за пререгистрација на регистарски таблички и издавање документи за влез-излез на административните премини. об/паг/



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.