Двокатна железничка композиција со четири вагони ја помина денес делницата од Белград до Нови Сад по новата брза пруга што денеска беше промовирана, за нешто повеќе од половина час, јавија медиумите во Србија. Кога целосно ќе биде завршен овој важен инфраструктурен проект од Белград до главниот град на Унгарија, Будимпешта, ќе се патува за два часа и 40 минути, благодарејќи на можноста возовите да се движат со брзина од 200 километри на час.

На промотивното возење по брзата пруга од Белград до Нови Сад се превезоа вкупно 270 патници, меѓу кои и претседателот на Србија Александар Вучиќ и унгарскиот премиер Виктор Орбан. Околу 80 акредитирани претставници на медиумите беа меѓу првите патници во возот што за прв пат во патничкиот сообраќај ќе достигне брзина од 200 километри на час.

Честа да го вози возот „Соко“, му припадна на машиновозачот Зоран Ѓурѓевиќ на првото возење по брзата пруга.

Атмосферата пред поаѓањето на возот на станицата Прокоп беше свечена, а според планот возот на железничката станица во Нови Сад пристигна во 11 часот и 40 минути.

Возот на оваа делница ќе сообраќа со максимална брзина од 200 километри на час, според возниот ред треба да сообраќа пет пати дневно, а цената на билетот во промотивниот период ќе биде 300 динари (2,5 евра) во еден правец.

Делницата меѓу Белград и Нови Сад од околу 75 километри е дел од идната брза пруга до Будимпешта, и таа е дел од кинеската глобална иницијатива „Појас и пат“ за инфраструктурни врски меѓу Европа и Азија. Проектот за модернизација на железницата се проценува на околу две милијарди, а започнат е во 2016 година на самитот на 16 земји од Централна и Источна Европа и Кина.

Во првиот брз воз беа и премиерката Ана Брнабиќ и владините министри, како и изведувачите – кинеските компании „China Railway International Company“ и „China Communications Construction Company“, како и руската железничка компанија „RZD International“ и српски фирми.

Договорениот рок за завршување на преостанатиот дел од работите на делницата Нови Сад – граница со Унгарија е до крајот на 2024 година, додека Унгарците треба да го завршат својот дел од брзата пруга од границата со Србија до Будимпешта кон средината на 2025 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.