Претседателот на Србија Александар Вучиќ за државната кинеска глобална телевизиска мрежа ЦГТН изјави дека Тајван е кинеска територија и Пекинг треба да реши што ќе прави со тоа. Тој во интервјуто за ЦГТН на прашањето за Тајван кажа дека за одговор не му требаат повеќе од десет секунди: „Тајван е Кина, а на вас останува што, кога, како ќе направите, точка“, порача Вучиќ.

Пекинг го смета Тајван за своја одметната провинција, додека Тајван се смета за суверена држава. Во интервјуто на англиски јазик Вучиќ истакна дека политиката на Србија е една Кина и дека така ќе биде во иднина.

„Тоа е ваша територија, тоа е ваш народ, вие сте суверена нација, сами носите одлуки. И секогаш ќе имате поддршка од српскиот народ. Тоа е така“, додаде српскиот претседател.

Србија ја има поддршката од Кина во меѓународните организации и институции за непризнавање на Косово како држава. Косово во 2008 еднострано прогласи независност од Србија која Белград не ја признава.

Кина и Тајван имаат посебни влади од завршувањето на граѓанската војна во 1949 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.