Во Грција во овој момент не постои масовно пристигнување на бегалци од Украина, меѓутоа земјата „од хуманитарни причини ќе придонесе во управувањето со бегалскиот проблем што произлегува од инвазијата на Русија во Украина“, објасни портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.

Иконому рече дека земјата се подготвува и е координирана на европско ниво, повторувајќи дека е потребен „европски механизам за распределба на луѓето“.

Министерството за миграција и азил на Грција, но и владиниот портпарол соопштија дека државјаните на Украина во рок од 90 дена по пристигнувањето ќе добијат привремена заштита од една година со право на работа и здравствено осигурување, а оние кои немаат патни исправи можат во земјата да влезат само преку граничниот премин Промахонас каде што ќе добијат соодветен документ, а исто така ќе имаат можност привремено да престојуваат во прифатен центар оддалечен на само неколку километри.

Според последните податоци од пред неколку дена, во Грција пристигнале 1.500 украински државјани, а Иконому, на прашањето на дописничката на МИА од Атина, рече дека нема голема промена на овој број.

Во однос на ситуацијата во Украина, портпарлот на грчката Влада рече дека „руската инвазија продолжува да го шокира и мобилизира целиот свет, да ги стимулира единството и решителноста на Европа пред прекршувањето на меѓународното право, пред лицето на авторитаризмот и ревизионизмот“.

Тој додаде дека меѓународните случувања ја оправдуваат политиката на Владата што им служи на националните интереси, но и изборот за „зајакнување на одбраната и градење силни сојузништва“.

Она што го покажа кризата во Украина е дека, пред сè, треба сам да покажеш дека можеш да го браниш својот национален суверенитет и своите национални права. Силниот капацитет за одвраќање, моќта на државата и енергијата на општеството се камен-темелник на националната независност, рече Иконому.

Паралелно, од вчера во тек е операцијата за евакуација на персоналот од грчкиот конзулат во Мариупол, на новинарски екипи и грчки државјани, конвој од над 80 лица со околу 20 возила, кои од украинскиот град се упатуваат кон границата со Молдавија или Романија.

Во текот на вчерашниот ден успеаја да стигнат до Запорожје каде што преноќија, а утрово го продолжија патувањето кон Грција.

Шефот на грчката дипломатија Никос Дениас утрово одржа состанок, на кој преку видео конференција присуствуваа и амбасадорот, кој го предводи конвојот, конзулот од Одеса, како и амбасадоркта на Грција во Романија.

– Долг на Грција е да понуди секаква можна помош, напиша Дендиас на Твитер.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.