Вчера во Грција пристигнале околу 2.300 дози од вакцината против мајмунски сипаници, а следната седмица Комисијата за имунизација ќе одржи состанок за начинот и условите за вакцинација, соопшти министерот за здравство на Танос Плеврис во интервјуто за грчката телевизија „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина.

Во Грција, потврдени се вкупно 48 случаи на мајмунски сипаници, заклучно со минатиот четврток, а Плеврис објасни дека освен вакцините, во разговори се со Европската комисија за да добијат 100 терапии.

За ситуацијата со Ковид-19 во земјата, министерот за здравство рече дека во овој момент има „деескалација на актуелниот бран“, додавајќи дека пандемијата е во сосема друга фаза во која сега постојат терапевтски протоколи, вакцинирана популација, како и антивирусни лекови, односно комбинација што обезбедува заштита на граѓаните.

Тоа нè прави оптимисти дека нема да биде потребно да се вратиме на мерките што ги имавме. Односно задолжителни мерки или мерки кои имаат карактеристики на ограничувања и изолации. Меѓутоа, бидејќи пандемијата е динамичен феномен, ви кажувам каква е нашата намера врз основа на сликата што ја имаме, но подготвени сме да имплементираме и протоколи. Ако треба да преземеме и мерки, во случај да има поинаква динамика од оваа што ја гледаме во моментов, рече Плеврис и уште еднаш повтори дека евентуалните рестрикции би биле благи мерки.

Во однос на новата учебна година и протоколите за работата на училиштата, објасни дека се во координација со Министерството за образование и кон крајот на август во консултација со надлежната комисија на епидемиолози ќе донесат одлуки.

Објасни дека досегашните протоколи добро функционирале, сакаат да има што е можно поблаги ограничувања, но сè ќе зависи од епидемиолошката слика, додавајќи дека до отворањето на училиштата има над 20 дена, со оглед на тоа дека учебната година во Грција ќе започне на 12 септември.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.