Во Брисел денеска ќе се одржи состанок на шефовите на преговарачките тимови на Србија и на Косово, Петар Петковиќ и Бесник Бислими во рамките на продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина под покровителство на Европската унија

Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, кој минатата недела ги посети Приштина и Белград, изјави дека претстојниот состанок во Брисел е добра можност да се постигне договор за конкретни следни чекори.

Лајчак, кој прво престојуваше во Приштина, рече дека имал „важна дискусија во врска со нацрт-статутот на Заедницата на српските општини“ со премиерот на Косово, Албин Курти. Потоа во Белград разговараше со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и директорот на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, за натамошниот начин за спроведување на договорот.

Последниот состанок во Брисел се одржа на 2 мај, на кој учествуваа Вучиќ и Курти, а беше усвоена и Декларацијата за исчезнати лица, но не беше постигнат напредок по прашањето за Заедницата на општините со српско мнозинство на Косово.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.