Во турскиот град Малатија, кој беше еден од погодените од катастрофалниот земјотрес во Турција во февруари годинава, ќе биде изградено училиште кое ќе го носи името на нашата држава, а училниците, 32 на број, ќе бидат именувани по македонските градови, информираат од Црвениот крст на Македонија.
Училиштето ќе биде изградено со поголемиот дел од средствата кои македонските граѓани ги донираа во хуманитарната акција на Црвениот крст за помош на настраданото население во Турција и Сирија.
„Во акцијата се собрани вкупно 63 380 807 денари. Од нив, 12 427 334 денари се испратени на сметката за Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина, за помош на настраданото население во Сирија“, соопштија од Црвениот крст на Македонија.
Останатите 50 909 796 денари, пак, по договор на Црвениот крст на земјава и турската Црвена полумесечина, одлучено е да бидат наменети за изградбата на училиштето во турска Малатија.
„Овој акт ќе остави траен белег и доказ за солидарноста на граѓаните на РСМ кон граѓаните на Република Турција. За текот на градбата на училиштето и инвестицијата, граѓаните и пошироката јавност, повремено ќе може се информираат на интернет страната на Црвениот крст“, велат од организацијата.
Турција и Сирија на 6 февруари годинава беа погодени од катастрофален земјотрес во кој загинаа илјадници луѓе, а илјадници други беа повредени и оставени без покрив над главата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.