Поранешниот претседател на Косово Хашим Тачи се изјасни дека не е виновен по новите обвиненија за воени злосторства од потврденото изменето обвинение, кое го поднесе Специјализираното обвинителство за Косово со седиште во Хаг.

Тачи на денешното рочиште кажа дека не ги разбира новите обвинувања со кои се терети но сепак се изјасни дека не се чувствува виновен.

Новите обвиненија се однесуваат на наводни злосторства во два притворски центри во Сува Река и притворскиот центар во Гњилане, односно дека тамус е извршени прогон, затворања и други нехумани дела, нехумано постапување, мачење, противзаконско убиство и присилно исчезнување.

Претресниот судија кажа дека обвинителството поднело изменето обвинение во случајот против Тачи и другите поранешни припадници на УЧК – Кадри Весељи, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи.

Се наведува дека од март 1998 до септембри 1999 Тачи, Весељи, Сељими, Красниќи и други членови на „здружениот злосторнички потфат имале иста цел за стекнување и контрола над цело Косово користејќи разни средства, вклучувајќи заплашување, малтретирање, насилство и елиминација на оние кои ги сметале за противници“.

Во обвинението се наведува дека на неколку локации на Косово и во северна Албанија припадници на УЧК извршиле кривични дела над стотици цивили и лица кои не учествувале во борбите, а се наведува дека меѓу жртвите има и Срби и Роми и Албанци за кои се сметало дека се против УЧК.

Специјалниот суд за Косово има мандат за наводни злосторства против човештвото, воени злосторства и други кривични дела кои се поврзуваат со извештајот на Дик Марти, извршени во периодот од јануари 1998 до декември 2000.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.