Состојбата на раскол, не е природна и одржлива и затоа од се срце сакаме да се најде решение со братски, стрплив дијалог. Уверен сум дека единствениот правилен пат по кој треба да се оди за да се добие трајно решение на овој проблем, е патот од Скопје до Белград, или од Белград до Скопје, како и да е, изјави српскиот патријарх Порфирије во врска со догогодишниот спор меѓу СПЦ и МПЦ-ОА и настојувањата прашањето да се реши преку Вселенската патријаршија.
Во божиќното интервју за „Политика“, Порфирије оценува дека никој друг од страна не може да има поголемо разбирање за проблемот, како што наведува, „од нас самите кои со векови на овие широки балкански простори заедно се вградувавме во Црквата Христова, без никакви меѓусебни недоразбирања“.
За упатеноста прашањата да се решаваат меѓу Белград и Скопје, според него, „е дефинирано и со томосот со кој цариградскиот патријарх во 1922 година потврдил дека епархиите во денешна Македонија припаѓаат на Српската патријаршија“.
– Секој разговор што може да создаде минимум можности за воспоставување на нарушеното единство на Црквата е благословен и ме радува, бидејќи тоа е уште една рана што ме боли мене и секој свештеник, епископ на Српската црква, па и многу верници. Секој раскол е рана на телото Христово, на Црквата. Во ова време кога стана пожелно да се оддалечат луѓето едни од други, кога на тоа за жал, му претходеше и дистанцирање меѓу помесните православни цркви, сегашните настојувања на ерархијата кој пребива надвор од единството ги гледам како знак на совест, знак на спознавање дека состојбата на раскол за нив не природна и одржлива. А ние овде во Пеќката патријаршија, српски владици, не само што не се откажуваме, туку со целосна одговорност за верниот народ во Македонија, чија побожност, љубов кон Црквата Христова им е позната на сите, сакаме нарушено единство повторно да се воспостави, вели поглаварот на СПЦ.
Посочува дека Светиот архиерејски синод на СПЦ на последната седница, „имајќи ги предвид различните можности што ги даваат светите канони и принципите на црковната икономија, одлучи повторно да ги повика епископите кои се одвоија од Пеќката патријаршија заедно со братски, стрплив дијалог да се најде благословено решение“. Тој изразува задоволство и од тоа што автономната од СПЦ, ПОА придонесувала „за согледување на начелата и можностите на црковната икономија за решавање на проблемот со расколите во овие епархии“.
– Лично, јас сум убеден дека тие кои ја прекинаа комуникацијата во 1967 година, не го направија тоа сами по свој разум. Но сега имаме можност и целосна слобода по свој разум да направиме се за сите да можеме да пристапуваме до заедничката чаша. Ако навистина тоа е нашата цел, тогаш натписот на етикетата не може да биде почетна премиса за разговори, туку цел што треба да биде плод на молитвата кон Бога, Свети Сава и Светиот крал Милутин, Светите Климент и Наум, Свети Георги Кратовац и сите наши свети предци кои со својата вера, градењето на Телото Христово на земјата и мачеништвото станаа наши животни топоси. Молитвата кон овие светци ќе ни покаже благословени решенија за сите сложени прашања кои се дел од решението, но ние, владиците на Пеќката патријаршија, од се срце сакаме да се реши ова прашање, изјави српскиот патријарех Порфирије, кој според денеска објавеното соопштение од прес-службата на СПЦ е позитивен на коронавирусот и наредните денови ќе ги помине на домашно лекување.
Повик за возобновување на дијалот со МПЦ, пред неколку дена упати и епископот бачки Иринеј, кој е духовен отец и еден од најблиските сoработници на патријархот Порфириј.
Пораките од Белград доаѓаат по неодамнешниот прием на епископот антаниски и игумен на Бигорскиот манастир г. Партениј во придружба на монаси и монахињи кај вселенскиот патријарх Вартоломеј, што од претставници на Фанар беше оценето како голем чекор на Вселенската патријаршија за решавање на црковното прашање и признавање на МПЦ-ОА.
Приемот на епископот Партениј кај вселенскиот патријарх Вартоломеј следуваше по посетата на Атина каде што присуствуваше на вечерна служба и на Божествена Литургија во црквата „Св. Пантелејмон“, најголемиот храм во грчката престолнина, како и на Меѓународниот фестивал на православна црковна музика, со благослов на архиепископот на Атина и на цела Грција г.г. Јероним.
СПЦ е во повеќедецениски спор со МПЦ-ОА, оспорувајќи ја нејзината афтокефалност. Разговорите што повремено се водат не доведоа до позитивен исход, поради што МПЦ-ОА за решавање на својот статус се обрати до Фанар и вселенскиот патријарх Вартоломеј.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.