Премиерот на Косово Албин Курти и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар разговараа за актуелната ситуација и неодамнешните случувања во Приштина, особено во северниот дел на Косово. Во соопштението е посочено дека на средбата било нагласено дека итно да се отстранат барикадите на патиштата.

„На средбата се разговараше и за односите меѓу Косово и Србија, за процесот на дијалог и за патот кон целосна нормализација на односите меѓу двете земји“, се наведува во соопштението.

Претходно по средбата со Курти Ескобар во куса изјава за медиумите рече дека тоа е рутинска посета на Косово.

„Немам коментар. Дел сум од рутински ангажман овде. Ние сме добри партнери и убаво е да останеме во постојана комуникација. Ќе имам повеќе да кажам подоцна, бидејќи ќе имаме уште неколку состаноци“, им рече тој на новинарите.

На средбите со претседателот и премиерот на Косово, Ескобар беше придружуван од американскиот амбасадор во Приштина, Џеф Ховениер. Предвидено е денеска Ескобар да се сретне со лидерите на Демократската партија на Косово Мемљи Красниќи, Демократскиот сојуз на Косово Љумир Абџиќ и Алијансата за иднината на Косово Рамуш Харадинај. Посетата на Ескобар на Приштина доаѓа во време кога ситуацијата на северот на Косово е тензична и придружена со безбедносни инциденти. Инцидентите се случија при обидите на членовите на Централната изборна комисија да подготват локални избори во четири општини на северот на Косово – Лепосавиќ, Звечане, Северна Митровица и Зубин Поток.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.