По најавата на Приштина дека од утре ќе почне примената на одлуката за пререгистрација на возила и лични карти, граѓани од северот на Косово на неколку локации во северно Косово поставиле барикади, јави телевизијата „Н1“.

Заменик-командантот на косовската полиција за северниот регион, Бесим Хоти, за порталот „Косев.инфо“ потврдил дека има блокада во Зубин Поток кај Вараге и во Рударе.

Имаше блокада на патот во Зубин Поток кај Вараге и во Рударе. Наводно се раширила лажна вест дека општината ќе биде блокирана од специјални единици, што апсолутно не е точно и нема таква намера – изјави Бесим Хоти за „Косев“.

Читатели на „Н1“ од северот на Косово претходно за телевизијата изјавија дека граѓаните се собираат кај крстот во селото Рударе во општина Звечан.

Претходно сирени се огласија во северниот дел на Косовска Митровица. Во меѓувреме сирени се слушнале и во Зубина Поток.

КФОР соопшти дека „ја следи ситуацијата и собира податоци“.

Во врска со сирените за тревога кои непрекинато се слушаат во северниот дел на Косовска Митровица, КФОР ја следи ситуацијата и моментално собира информации – соопштија од штабот на КФОР.

Новинарката од Косовска Митровица, Ана Марија Ивковиќ, изјави дека косовската полиција официјално потврдила дека граѓаните поставиле барикади на две места кај Вараге и во Рударе. На тие места блокирани се патишта и има граѓани и механизација, а засега состојбата е мирна.

Ивковиќ за Н1 рече дека никој не може со сигурност да каже која е причината за сирените кои сè уште се слушаат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.