Состојбата на северот на Косово е тензична. Како што јавуваат медиумите од регионот, Србите ги блокираат административните премини Јариње и Брњак.

Граѓаните ги блокираа административните премини кон Србија, а полицијата во централна Србија ги враќа патничките возила кои се движеле кон административниот премин. Истовремено, косовските специјалци се распоредени на административните премини, јавува РТС.

Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, по средба со претставници на Србите од покраината изјави дека издавањето документи за влез-излез, односно укинување на српски лични карти за подрачјето на Косово и Метохија, како и пререгистрација автомобилите и укинување на српските таблички е неприфатливо за Белград.

Претходно, околу 18:15 часот припадници на полицијата на Косово го затвори административниот премин на мостот Брњачко и со тоа го блокираше целиот сообраќај на патници и стоки преку овој премин. Идентична е ситуацијата и на административниот премин Рудница, полицијата пропушта само возила со косовски регистарски таблички, пренесува „Информер“.

Истовремено, на преминот Јариње има голема гужва од правец на Рашка, а линијата возила се протега од Рудница до самиот премин. Според последните информации, за влез во Косово потребни се најмалку два часа, јавува „Косово-онлајн“.

Во јужниот дел на Косовска Митровица, пак, веднаш по главниот мост, кој ги дели cеверна и јужна Косовска Митровица, се собрани околу 200 Албанци, пренесува „Новости“.

Засилени сили на специјалните единици на косовската полиција се забележани и во близина на мостот на Ибар. Има и членови на КФОР и италијански карабинери.

Портпаролот на косовската полиција за север, Бесим Хоти, изјави дека еден пат е блокиран во Зубин Поток и во Звечан.

Во Зубин Поток имало блокада кај Варага и Рудар бидејќи се прошири веста дека специјалната полиција ќе ја блокира општината, што воопшто не е точно, а таква цел нема – изјави Хоти.

КФОР соопшти дека ја следи ситуацијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.