Косовската полиција ги изложи оружјето, експлозивот и другите средства и опрема кои ги заплени во денешните рации на неколку локации во северно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението на полицијата се наведува дека рациите, кои се во врска со случајот Бањска, односно вооружениот напад врз косовската полиција на 24 септември, биле извршени на седум различни локации на север, односно на три во Северна Митровица, три во Звечане и една во Бањска.

Во подрум на зграда, во местото познато како „Три облакодери“ во Северна Митровица, пронајдени се три минофрлачи (зољи), еден калашников, муниција, експлозивни средства и различна воена опрема.

Ова е, како што се наведува во соопштението објавено на официјалната страница на полицијата на Фејсбук, „прелиминарен список на запленетото оружје и друга опрема: 87 парчиња експлозив ТМ 100; три рачни минофрлачи (зоља); една автоматска пушка АК-47; една противпешадиска мина од типот МРУД; 14 рамки за куршуми; муниција од различен калибар; 63 електрични детонатори; 23 механички детонатори; еден часовник за активирање; една рачна граната М79; три туби со запалив фитил; чанти, радија, панцири, медицинска опрема, елеци за носење рамки за куршуми, гас-маски, батерии и друго“.

На 24 септември во нападот на униформирана и вооружена српска група беше убиен полицаецот Африм Буњаку. Во подоцнежната акција на полицијата, во борбите околу православниот манастир Бањска кај Звечане, загинаа тројца од напаѓачите, додека останатите успеаја да побегнат.

Одговорноста за нападот ја презеде поранешниот потпретседател на најголемата партија на косовските Срби, Српската листа, Милан Радоичиќ, чиј имот во Косово полицијата го заплени. Не е потврдено дали локациите на кои беше извршена денешната рација се поврзани со името на Радоичиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.