На доживотна затворска казна и 27 години затвор е осуден првоосомничениот во случајот од октомври 2022 година, за сексуална злоупотреба и принудување на проституција на 12-годишно девојче од атинска населба, јави дописничката на МИА од Атина.

Мешовитиот поротен суд во Атина ги соопшти пресудите и казните за сите обвинети, кои во петокот беа прогласени за виновни, а затворска казна добија првоосомничениот, 55-годишниот Илиас Михос и уште едно лице, додека, пак, останатите 17 обвинети кои имале улога на „клиенти“ и беа прогласени за виновни за платен сексуален однос, добија условни казни.

Во случајот, осомничена беше и мајката на девојчето за која судот во петокот едногласно пресуди дека е невина за порнографија и за принудување лице на проституција, а е обвинета само за изнуда и се очекува утре да излезе од притвор.

Со измените во Кривичниот законик во Грција, за кривично дело сексуална злоупотреба на малолетно лице, можно е изрекување и на доживотна затворска казна, како што беше случај со првообвинетиот Михос, додека пак останатите затворски казни се однесуваат на другите дела меѓу кои: злоупотреба на малолетно лице што нема наполнето 14 години; детска порнографија (поседувал и дистрибуирал материјал); принудување лице на проституција и за недозволено поседување оужје.

Според грчките медиуми, иако станува збор за доживотна затворска казна, сепак во затвор ќе биде 20 години.

Конкретниот случај, откако беше откриен во Грција предизвика шок кај јавност, а како што тогаш објави МИА, сега веќе осудениот Михос го знаел и семејството и девојчето, бидејќи се од иста населба, ја знаел нивната финансиска состојба, нивниот статус и токму тоа го злоупотребил.

Според дел од информациите во грчките медиуми, девојчето наводно повремено помагало во маркетот и добивало џепарлак, со оглед на тоа што потекнува од сиромашно семејство со осум деца и со татко корисник на дрога.

Во периодот од април до август 2022 година, Михос континуирано, со употреба на сила, сексуално го злоупотребувал девојчето и ја терал да му испраќа провокативни фотографии, кои ги објавувал преку различни профили на различни педофилски платформи и сајтови на интернет и во улога на макро барал „клиенти“ за тогаш 12-годишната девојка.

Според она што во октомври 2022 година беше објавено во Грција, целиот случај бил откриен откако девојчето заедно со нејзиниот брат биле на Лефкада, на одмор кај нивната тетка.

Тетката забележала дека девојчето е постојано со нејзиниот мобилен телефон и разменувала пораки, меѓутоа не добила одговор со кој разговара. Успеала да го земен мобилниот, да ги прочита вулгарните и несоодветни пораки што Михос ѝ ги испраќал на 12-годишната, по што веднаш реагирала.

Пораките ги испратила до мајката на девојчето и побарала од неа веднаш да оди во полиција и да го пријави, во спротивно, тоа ќе го стори лично таа. Иако првично мајката се двоумела, сепак го пријавила, тогаш 53-годишниот, по што полицијата почнала акција.

Од мобилните телефони, како на обвинетиот, така и на девојчето, беа откриени низа контакти на педофили кои биле во комуникација со 12-годишната, со што започнаа и апсењата, а во притвор беа над 20 лица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.