Годишната инфлација во Грција, во јануари годинава била 3,1 отсто, наспроти 3,5 проценти во декември 2023 година, а цените на прехранбените производи, за една година се за 8,3 отсто поскапи, јави дописничката на МИА од Атина.

Според официјалните податоците од грчката служба за статистика, од јануари 2023 до јануари 2024 година, најголемо зголемување, од 67,4 отсто бележи маслото, а најголемо намалување има на цената на природниот гас за 60,2 проценти.

Кај прехранбените производи, освен кај маслото, големо зголемување има кај цените на овошјето и зеленчукот, за 14 отсто, месото во споредба со лани е за 6 проценти поскапо, лебот и житните производи за 2 проценти итн.

Споредбено со еден месец претходно, во јануари поевтини биле природниот гас, млекото, сирењето, тестенините, пилешкото месо, нафтата за греење и бензинот, а поскапи биле маслиновото масло, сувомеснатите производи, зеленчукот и струјата.

Во 2023 година, инфлацијата во Грција се движеше меѓу 1,6 и 7 отсто, најниска беше во септември, а највисока во јануари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.