Стратешката соработка меѓу Бугарија и Грција беше главна тема на средбата на бугарскиот премиер Кирил Петков со грчкиот колега Киријакос Мицотакис на Економскиот форум Делфи.
За време на разговорот, Петков ја истакнал важноста на партнерството меѓу двете соседни земји за стабилноста и просперитетот на целиот регион, соопшти прес-центарот на бугарската Влада.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, бугарскиот премиер даде пример со интерконекторот Грција-Бугарија, кој во оваа ситуација стана клучен проект за Европа во светло на заедничките напори за енергетска диверзификација и независност.
Бугарскиот премиер го истакна придонесот на добриот политички дијалог со неговиот грчки колега за забрзана реализација на проектот, кој ќе биде завршен кон средината на оваа година.
Тој изрази увереност дека не само во енергетскиот сектор, туку и во низа други области, Бугарија и Грција ќе продолжат да развиваат плодна соработка.
За време на форумот, Петков оствари средба и со косовскиот премиер Албин Курти.
Двајцата разговараа за развојот на односите меѓу Софија и Приштина. Бугарскиот премиер ја поздрави желбата на Косово за продлабочување на дијалогот со Бугарија и истакна дека тоа ќе биде од корист за двете земји.
Друга важна тема на средбата беа предизвиците за регионот на Западен Балкан поврзани со војната во Украина, вклучително и гарантирање безбедност на храната.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.