Директорот на Националната полиција на Зеленортските острови, Рикардо Гонкалвес, соопшти дека во пристаништето Праја биле откриени 5,6 тони дрога. Во акцијата се уапсени двајца црногорски државјани заедно со пет Бразилци за шверц на 5.668 килограми кокаин на рибарски брод.

Гонкалвес, за медиумите додаде дека списите за случајот се тајни, јавуваат подгоричките медиуми.

Директорот на полицијата, соопшти дека операцијата се одвивала на отворено море од 1 април. Според него, акцијата била спроведена од страна на полицијата, преку Централното одделение за истраги за трговија со наркотици, а била спроведена во соработка со вооружените сили, преку крајбрежната стража, во координација со Поморскиот аналитички и оперативен центар.

Имавме релевантна соработка со бразилската федерална полиција, Администрацијата за борба против дрогата, американската морнарица и Националната агенција за криминал на Обединетото Кралство – додаде Гонкалвес.

Од средата наутро, брод на американската морнарица во служба на Африканската команда на вооружените сили на САД е закотвен во близина на градот Праја.

Нема други детали за акцијата, ниту пак дестинацијата или знамето на рибарскиот брод од Бразил кој превезувал кокаин, ниту имињата на уапсените.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.