Објавена е фотографијата на 22-годишникот кој вчера настрада во немирите предизвикани од навивачите на Динамо Загреб во Атина.

Станува збор за Михалис Кацурис, навивач на АЕК, кој случајно се нашол во областа „повторно полнејќи ги со крв грчките трибини во уште една трагедија за грчките навивачи“, пишуваат утрово грчките медиуми.

И покрај забраната за присуство на навивачи на гостинскиот тим на натпреварот, тие сепак со автомобили и автобуси дошле во Атина и кусо пред полноќ стигнале до стадионот на АЕК, кој бил затворен и предизвикале сериозни инциденти.

Од грчката полиција преку соопштение појаснија дека групата од околу 100-120 навивачи на хрватскиот клуб, заедно со грчки навивачи-соработници стигнале во близина на стадионот на атинскиот тим, каде што биле поддржувачите на АЕК, јави дописничката на МИА од Атина.

Следеле инциденти меѓу навивачите на двата тима, со фрлање на пиротехнички материјали, импровизирани експлозивни механизми, предмети, камења, а биле користени и импровизирани палки.

Веднаш пристигнала полиција која интервенирала за да се прекинат инцидентите и биле уапсени вкупно 98 лица.

Од полицијата соопштија дека во тек е прелиминарна истрага, а интензивно продолжува истрагата за откривање на дополнителни сторители.

Инцидентите започнале час и половина откако гостинскиот тим го завршил тренингот и го напуштил стадионот

Натпреварот АЕК- Динамо Загреб е закажан за вечерва во рамките на квалификациите за Лигата на шампиони, а навивачите на хрватскиот тим пристигнале со автомобили во Атина и покрај забраната од УЕФА за присуство на поддржувачи на гостинскиот клуб.

Грчките медиуми пишуваат дека по синоќешните инциденти 12-годишно девојче се бори за живот по удари со камен.

Неофицијално, мнозинството од уапсените се хрватски државјани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.