Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Србија треба што побргу да стане членка на ЕУ бидејќи во спротивно Белград ќе избере соработка со други партнери, а Брисел ќе ја загуби таа земја.

„Треба да ја завршиме старата задача поврзана со проширувањето пред да почнеме со новото проширување со Украина. Ако Србија не ја интегрираме што побргу, ќе ја изгубиме. Србија има други варијанти. Само што склучи договор за слободна трговија со Кина“, рече Орбан.

Унгарскиот премиер додаде дека проширувањето на ЕУ со Западен Балкан е приоритет за Будимпешта за време на нејзиното претседавање со Советот на ЕУ, кое почнува на 1 јули, пишува „Ди Пресе“.

Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Молдавија, Македонија, Србија, Турција, Украина и Црна Гора имаат официјален статус на кандидати за членство во ЕУ.

Брисел врши притисок врз Србија за да ја принуди да се согласи и со кандидатскиот статус на Косово, што всушност би значело признавање на независноста на таа српска покраина, потсетува „Спутник“, пренесува РТРС.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.