Во српското Собрание денеска ќе се одржи конститутивната седница на новиот парламентарен состав, при што ќе бидат потврдени мандатите за пратениците кои беа избрани на парламентарните избори на 3 април годинава.

Прва точка на дневниот ред е потврдување на мандатот на пратениците, а Собранието се смета за конституирано кога ќе бидат потврдени две третини од мандатите.

По дневниот ред следува избор на претседател на Народното собрание, избор на потпретседатели и именување на генерален секретар, по што следува избор на членови на работни тела и избор на членови на постојани парламентарни делегации во меѓународните институции.

Како што беше договорено на консултациите на парламентарните партии, денеска во собранието ќе се верификуваат само мандатите и ќе се положи заклетва, додека продолжението на седницата и изборот на претседател е планирано за вторник.

Како што е најавено, за претседател на Собранието ќе биде кандидиран Владимир Орлиќ од Српската напредна странка (СНС), а во работата ќе му помагаат седум потпретседатели, од кои тројца ќе бидат избрани од редовите на опозицијата.

За потпретседатели ќе се кандидираат Божидар Делиќ и лидерот на опозициската Демократска странка (ДС), Зоран Лутовац, а останатите имиња засега не се познати.

Новиот составот на собранието ќе го сочинуваат 120 пратеници од коалиционата листа на СНС „Александар Вучиќ заедно можеме се“, 38 од опозициската листа „Обединети за победа на Србија“ предводена од Мариника Тепиќ, а трета по сила е коалицијата на социјалистите на Ивица Дачиќ СПС-ЈС со 31 пратеник.

Опозициските коалиции- НАДА има 15 пратенички места, листата Мораме има 13, а Двери и Заветница имаат по 10 места.

Кај малцинствата, Сојузот на Унгарците од Војводина доби пет мандати, листата Аманетот на Муфтијата доби три, Војвоѓанци и СДА Санџак по две и на Албанците по едно место.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.