Во Владиниот дом во Цетиње денеска се одржа комеморативна седница за жртвите од масакрот кој во петокот се случи во овој град.

Комеморативната седница започна со една минута молк, по што беше испратена порака дека Цетиње не е сам во својата тага, туку дека тагува и цела Црна Гора.

На комеморацијата присуствуваше државниот врв на Црна Гора, политичари, блиски пријатели и семејствата на загинатите.

Во масакрот кој се случи во Цетиње убиени се 11 лица, меѓу кои и напаѓачот Вук Бориловиќ, а повредени се шестмина.

Во незапаметената трагедија животот го загубија: Данијела Радуновиќ (51), Александра Радуновиќ (52), Милан Митровиќ (37), Рајко Дрецун (56), Димитрије Дрецун (81), Даница Дрецун (74), Горан Ѓуришиќ (54), Наташа Пејовиќ Мартиновиќ (35), М.М. (11) и М.М (8).

Во Црна Гора поради трагедијата е прогласена тридневна жалост.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.