Лидерката на Бугарската социјалистичка партија, Корнелија Нинова, која е вицепремиер за економија, за телевизијата Нова Њуз изјави дека не очекувала бугарскиот претседател Румен Радев и лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов да зборуваат во еден глас и да ја критикуваат владата.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Нинова, нема политичка логика во оваа критика. Според неа, бугарската влада е погодена од неколку кризи. Новата влада во Софија немаше ни 10 дена толеранција да работи мирно, со оглед дека демократската практика е 100 дена.

Нинова смета дека на Кирил Петков требало да му се даде поголема толеранција и коментира дека не знае кому ќе му помогне овој напад врз бугарската Влада. Нинова потсети дека лидерите на владејачката партија „Промената продолжува” Кирил Петков и Асен Василев биле министри на претседателот Радев и дека тој владеел со Бугарија шест месеци и ја знаел реалната состојба во Бугарија. Таа ја коментираше и идејата за нов левичарски проект во Бугарија, во кој ќе доминира претседателот Румен Радев, велејќи дека левичарските проекти завршиле фатално и ѝ нанеле штети на БСП.

Во моментов најважно е земјата да се справи со ценовниот шок. Таа изрази мислење дека владејачката коалиција во Бугарија е стабилна, а БСП во неа е социјален столб. Како лидер на бугарските социјалисти, Корнелија Нинова двапати ги поддржа Румен Радев и Илијана Јотова за претседател и потпретседател во име на БСП против кандидатите на ГЕРБ Цецка Цачева (2016) и професор Анастас Герџиков (2021).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.