Она што се случи, иако беше согласно со одредбите на законот, беше погрешно. Не знаев за тоа, и очигледно, никогаш немаше да го дозволам, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за следењето на мобилниот телефон на европратеникот и сегашен лидер на ПАСОК- Движење на промена Никос Андрулакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Во видео изјавата, грчкиот премиер објасни дека пред неколку дена бил информиран дека од септември 2021 година, три месеци, Националната разузнавачка служба легално го следела мобилниот телефон на Никос Андрулакис, додека сè уште беше европратеник, а пред да биде избран за лидер на партијата.

Постапката за следење, како што посочи Мицотакис, била одобрена од висок обвинител, токму како што е предвидено со одредбата од законот донесена во 2018 година од претходната влада.

Следењето траело три месеци и автоматски било прекинато, како што налага законот, неколку дена откако Андрулакис беше избран за претседател на ПАСОК-КИНАЛ.

Иако сè беше законски, Националната разузнавачка служба ја потцени политичката димензија на конкретната постапка. Тоа формално беше адекватно, но политички неприфатливо. Не требаше да се случи, предизвикувајќи пукнатини во довербата на јавноста во Службите за национална безбедност – рече Мицотакис.

Додаде дека иако целиот процес се однесувал на истакната политичка личност, постоеле недостатоци во управувањето со постапката и затоа беше сменет директорот на Службата, додека пак генералниот секретар на Владата, според Мицотакис, со оставката, „ја презеде објективната политичка одговорност“.

Дополнително, грчкиот премиер, презентираше и промени во работата на Националната служба за разузнавање, што Владата ќе ги предложи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.