Во јули, неделните пристигнувања надминаа 900.000, додека оваа седмица се очекува да достигнат еден милион, рече министерот за туризам на Грција Василис Кикиљас во интервјуто за грчката новинска агенција АНА-МПА и истакна дека „бројките се навистина импресивни“, но избегнува да даде предвидувања за текот на сезоната, јави дописничката на МИА од Атина.

Кикиљас потенцираше дека „туризмот годинава покажа дека навистина е „тешката индустрија“ на Грција и не само што може да ја зајакне националната економија, туку и да и понуди значителна поддршка“.

Во однос на тоа кои туристи се најбројни, објасни дека „динамично се вратија“ туристите од Велика Британија, Германија и Скандинавија, за Американците рече дека се „high spenders“ туристи, односно „престојуваат многу денови во Атина и на многу дестинации, не само на островите, туку и во континенталниот дел, трошејќи многу пари со што значително ги зајакнуваат локалните економии“, а Грција е високо на листата и за балканските земји.

Во јуни пристигнувањата од САД беа зголемени за 50 отсто во однос на 2019 година, беше регистриран пораст од 32 проценти од Австрија, 24 отсто од Израел. Грција оваа година е дестинација број еден за патниците од Франција, Израел, многу високо во преференциите на туристите од Балканот и на првите три места во Германија и Скандинавија – истакна Кикиљас.

Потенцираше дека постојат не само знаци, туку и докази дека туристичката сезона оваа година ќе биде продолжена, а надлежното Министерство веќе започнало да го спроведува планот за сезоната да биде продолжена до крајот на годината, додавајќи дека нивната намера е во текот на есента и зимата да има што е можно повеќе патници од северна и централна Европа.

Веќе започнав контакти со туроператори, се сретнав со германскиот амбасадор, а минатата недела се видов и со амбасадорите на Австрија, Шведска и Норвешка. Во септември ќе ги посетам овие земји за да можеме внимателно и методично да го „изградиме“ овој проект. Германските пензионери, со оглед на тоа што немаат професионални и семејни обврски, можат да дојдат во Грција и да уживаат во блага зима во прекрасните области како што Крит, Родос, Кос, при што сместувањето ќе ги чини помалку, отколку да останат во своите домови каде што уште рано на есен, би биле принудени да трошат огромни износи пари за греење поради енергетската криза – истакна министерот за туризам на Грција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.