Во Хрватска се повеќе се чувствуваат последиците од кризата поради војната во Украина, а цените галопираат како никогаш досега.

Иако хрватската влада го намали ДДВ-то за храната на пет отсто, секоја недела пристигнуваат нови поскапувања. Сега на ред се лебот, брашното, тоалетната хартија, тестенините, а наскоро и свинското месо кое ќе поскапи за дури 50 проценти.

Леб сега ќе чини три евра, брашното за неколку месеци поскапе за 36 отсто, а килограм сега ќе чини 1,5 евро. Се очекуваат и драстично повисоки цени на тестенините и тоалетната хартија, а во мај ќе има значително повисоки цени на овошјето и зеленчукот.

Хрватска се обидува за кратко време да обезбеди енергетска безбедност, па од сите страни се лобира за изградба на нуклеарна централа и нов терминал за гас ЛНГ.

Се споменуваат локации од Истра до северниот дел на Јадранот, каде за кратко време би можел да се изгради нов терминал за ЛНГ, но гасот е многу поскап од тој што моментално доаѓа од Русија.

Кризата тропа на вратите на хрватските компании кои досега работеа со Русија, а поради санкциите веќе не можат да го прават тоа. Пред се, станува збор за „Подравка“, „Јадран Галенска лабораторија“, АД „Пластика“, „Плива“ и „Белупо“. „Атлантик Група“, една од најголемите хрватски компании, има и претставништво во Русија.

Се проценува дека хрватските извозници ќе загубат најмалку 200 милиони долари бидејќи не можат да ја пласираат својата стока на рускиот пазар.

Стравуваат и хрватските туристички работници, кои се свесни дека летово нема да има Руси и Украинци, а пред се руските туристи ги полнеа хотелите во Дубровник.

Под знак прашалник е и еден од најдобрите ресторани во Хрватска, „360“ во Дубровник, кој е во руска сопственост.

Стана јасно и дека во догледно време нема да има ништо од реновирањето на големиот туристички комплекс во Купари, во кој требаше да учествуваат руски инвеститори.

Кризата во Украина се повеќе се чувствува во резервациите на други гости кои требаше да летуваат на Јадранот, па престанаа резервациите на американските туристи кои повеќе не се чувствуваат безбедни во Европа.

Проблеми има и сплитското бродоградилиште кое користело кредити од руската ВТБ банка во Германија. Работниците се на одмор, платите се неизвесни, а хрватската влада не покажа желба да обезбеди нова инјекција со средства за приватно бродоградилиште.

Наводно, „Бродосплит“ останал без 60 милиони евра, а некои споменуваат и многу поголеми суми кои требало да се добијат од Русите за да се продолжи со изградбата на веќе договорените бродови.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.