Косовскиот премиер, Албин Курти ги претстави денеска новите мерки за поддршка на пензионерите, вработените во приватниот и јавниот сектор и студентите со по 100 евра за април, јави дописникот на МИА од Приштина.

Курти на денешната прес-конференција, што ја одржа заедно со министерот за финансии, Хекуран Мурати, информира дека вкупната вредност на овој социјален пакет изнесува 100 милиони евра.

За април двојно ќе ја зголемиме социјалната помош за сите семјства кои се нејзини корисници. На сите слоеви пензионерите ќе им поделиме по сто евра додатоци за април. По 100 евра ќе добијат работниците во приватниот сектор, а исто толу ќе добијат и 80-те илјади јавни службеници. Исто така сите студенти ќе добијат по 100 евра, а за ранливите слоеви издвоивме повеќе од 80 илјади евра, изјави Курти.

Со овој пакет, според косовскитот премиер, ќе бидат опфатени околу 800 илјади граѓани, или „практично секое семејство во Косово“.

Курти најави дека наскоро се очекува да се усвои нацрт-закон за укинување на данокот на платите кои се до 250 евра, како и зголемување на минималната плата.

Министерот Мурати изјави дека додатокот за пензионерите и вработените во јавниот сектор ќе биде исплатен веднаш, додека за работниците во приватниот сектор и за студентите ќе треба да се отвори процес на аплицирање, со оглед дека владата не располага со нивните банкарски сметки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.