Владата на Косово го продолжи рокот за замена на нелегалните регистарски таблички со косовски, односно за замена на регистарските таблички издадени од Србија за возилата во северно Косово, со таблички со знакот RKS (Република Косово), јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што соопшти владината служба за информирање, рокот кој истече вчера е продолжен за 15 дена, односно до 15 декември годинава.

Владата на Република Косово одржа електронска седница, на која ја измени и дополни владината одлука… од 30 октомври 2023 година, со што го продолжи рокот за регистрација со финансиски поволности за сопствениците на возила со деноминациите „ПР“, „КМ“, „ПЗ“, „ГЛ“, „УР“, „ПЕ“, „ДА“ или „ЃА“ до 15 декември 2023 година, се вели во соопштението на Владата.

Полицијата претходно побара од Владата да го продолжи рокот со образложение дека постои голем интерес кај граѓаните во четирите северни општини за промена на регистарските таблички во РКС.

Според полицијата, до 29 ноември возилата ги пререгистрирале 3001 граѓанин, додека и вчера, последниот ден од претходниот рок, имало големи редици во центрите за регистрација на возилата во општините со мнозинско српско население во северно Косово.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.