Шефот на пратеничката група на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК), Бесник Тахири го обвини косовскиот премиер Албин Курти дека го загрозува партнерството со Соединетите Американски Држави и нагласи дека не верува оти годинава ќе има напредок во дијалогот со Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Неколку дена по посетата на американскиот емисар Габриел Ескобар на Косово, првиот човек на пратениците на ААК изрази скептицизам за напредокот во преговорите со Белград, оценувајќи дека Курти згрешил што не предложил нацрт-статут на Заедницата на општините со српско мнозинство.

Во денешното интервју за агенцијата КосоваПрес, Тахири изјави дека Курти поради неговите „експерименти“ ги нарушува односите со сојузниците, особено со САД.

– Мора да бидеме реални во политиката. Европската унија имаше целосна поддршка од Стејт департментот во агендата за дијалогот предводена од (специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот, Мирослав) Лајчак. Оваа Влада го загрози партнерството со САД, поради експериментирањата, од кои потоа се повлекуваше. Дали се повлече од регистерските таблички, од реципроцитетот? Дали се повлече од локалните избори на север, каде што почна петицијата за разрешување на градоначалниците кои освоија по 100 гласа. Зошто го направи ова? Тоа е експеримент што не се смееме да го правиме, рече Тахири.

Според него, меѓународниот фактор сфатил дека Курти е несериозен по однос на темата на дијалогот.

– Оваа Влада и овој премиер го прифатија Бриселскиот договор и кажаа „да“ на Охридскиот акциски план, а исто така во Братислава се договорија за повеќе теми. Овој премиер отиде малку подалеку и рече дека е подготвен утре да ги потпише Заедницата и сето друго. Меѓународниот фактор кога имаш таков пристап сака да те гледа како сериозен, а овој (Курти) е несериозен, изјави Тахири.

Запрашан за извештајот на американските разузнавачки служби во кој се споменува можноста за меѓуетнички конфликти во регионот, Тахири рече дека Косово не е загрозено од српските граѓани во земјата, туку од воинствените амбиции на Србија.

– Воинствената реторика потекнува од Србија, односно и од (претседателот на Република Српска, Милорад) Додик во Босна… Во Србија никогаш не згаснале барањата, соништата и политичките цели за „српскиот свет“. САД, но и ЕУ, мора да бидат многу внимателни, бидејќи таа реторика има извори, корени. И тоа токму во екстремниот национализам што предизвика војни и милиони луѓе што ги напуштија своите домови, а стотици илјади загинаа од оваа воена реторика на Србија. Косово не е загрозено од српските државјани кои живеат на Косово. Косово е загрозено од воинствените амбиции на српскиот свет и на голема Србија кои се генерираат во Белград, рече Тахири во интервјуто за КосоваПрес.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.