Српската полиција го приведе на информативен разговор лицето кое вчера остави капа со куршум пред основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград. Тоа се случи за време на 40 дневниот помен од трагедијата.

Како што објави Блиц, станува збор за маж кој оставил капа со пластичен куршум. Како што објавија медиумите, капата наводно таму завршила откако граѓанин ја заборавил. Станува збор за капа од добро позната марка на која е зашиен куршум.

Потсетуваме, на 3 мај се случи невидена трагедија откако во училиштето влегол ученикот од седмо одделение, Коста Кецмановиќ со пиштолот на неговиот татко. Прво пукал во чуварот и дежурните ученички, а потоа тргнал во крваво дивеење во кое ги убил своите врсници и ја ранил наставничката по историја. Во нападот загинаа девет деца и еден училишен чувар, подоцна на повредите им подлегна уште една ученичка.

На почетокот на месецот му беше продолжен притворот на таткото на момчето кое го изврши масакрот. Полицијата го уапсила таткото за тешко кривично дело против општата безбедност, откако било констатирано дека синот го однел на стрелишта да вежба гаѓање, а двата пиштоли и муницијата за кои поседувал соодветни дозволи ги оставил во сеф достапен за неовластени лица. Притворот му е продолжен, меѓу другото и поради тоа што за кривичното дело за кое се товари е предвидена затворска казна над 10 години.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.