Дијалог меѓу Скопје и Софија има, но договор нема и македонскиот и бугарскиот премиер тврдат дека во мај нема да се потпише ништо.
Кирил Петков денеска во Софија пред пратениците ги отфрли тврдењата дека на 22 мај во Македонија двете влади ќе стават потпис на конкретен документ. Петков вели дека дури и доаѓањето на бугарската делегација не е финализирано.
– Средбата се уште не е финализирана, но едно е сигурно, ние само го продолжуваме конструктивниот дијалог, но нема да биде потпишано ништо конкретно. – рече Кирил Петков премиер на Р. Бугарија.
И Ковачевски вели дека министерствата за надворешни работи на Македонија и Бугарија комуницираат но нема усогласен документ. Македонскиот премиер не сака да ги крева очекувањата за деблокада во јуни и вели дека не се врзува со датуми.
– Што се однесува до јуни како некаков датум, точно е дека тогаш ќе има Самит на ЕУ, но ние воопшто не се врзувавме со датуми зашто ни треба решение кое ќе биде прифатено во двете држави и за кое ќе постои консензус, бидејќи тоа треба да биде основа за градење на односите меѓу Македонија и Бугарија во иднина, како меѓу себе, така и во рамки на ЕУ. – рече Димитар Ковачевски премиер на Македонија.
А официјален Париз вели дека ќе организира меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ ако Скопје и Софија постигнат договор.
– Францускиот министер, ја подвлече целосната поддршка на Франција за постигнување балансиран и взаемно прифатлив компромис меѓу Бугарија и Македонија.Тој потсети дека Франција е решена, во случај на договор, да организира меѓувладини конференции меѓу ЕУ и Македонија и Албанија што е можно поскоро за време на нејзиното претседавање со Советот на Европската Унија. – велат од МНР на Француска Република.
Во Софија овие два дена зад затворени врати- работи и заедничката комисија за историски прашања. Ко-претседавачот Драги Ѓоргиев пред почетокот на средбата порача дека бугарскиот пристап во работата не дава многу надеж за договор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.