– Лидерот на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај изјави дека премиерот Албин Курти го избрал патот на оддалечување на земјата од НАТО и, според него, тоа е во согласност со руската агенда, јави дописникот на МИА од Приштина.

 

Во изјава за медиумите пред почетокот на денешната седница на Собранието, поранешниот премиер рече дека Косово мора да го спроведе француско-германскиот план за договор со Србија, кој води кон членство во НАТО.

 

– За нас ќе беше од голем интерес веднаш по постигнувањето на договорот, кој е познат како француско-германски план, да почнеме да го спроведуваме за навреме да ја фатиме можноста за зачленување во НАТО.

Да не ги пропуштиме овие клучни моменти на НАТО, како што е овогодинешниот, 75-ти самит.

 

Целиот политички договор беше дека во случај на успешна имплементација, на Косово ќе му се отворат можности за интеграција, рече Харадинај.

Меѓутоа, додаде тој, „премиерот Курти избра друг пат, оној на оддалечување на Косово од НАТО, а за жал тоа е руската агенда, го сврте Косово кон руската агенда“.

 

– Наш интерес ќе беше веднаш по договорот, особено во однос на безбедносната ситуација, да продолжиме со имплементација, да влеземе во НАТО.

За жал, Курти одеше наназад и тоа ги донесе овие околности, изјави Харадинај.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.