Министерот за надворешни работи на Србија Марко Ѓуриќ за Политико посочи дека усвојувањето на Резолуцијата на Генералното собрание (ГС) на Обединетите нации за Сребреница ќе предизвика дополнителна поделба на Балканот, јави дописникот на МИА од Белград.

Ѓуриќ во авторски текст за бриселскиот портал оценува дека постигнувањето договор за одбележување на минатото на начин кој не создава поделби е најдобриот начин да се обезбеди тоа да не се повтори.

ГС на ОН утре ја разгледува Нацрт-резолуцијата за прогласување на Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите од масакрот во Сребреница во 1995 година, а шефот на српската дипломатија напиша да, додека рецензентите на резолуцијата наведуваат дека таа е важен чекор кон помирувањето, најверојатно таа ќе „сее дополнителен раздор на Балканот“.

-Никој не може да негира дека за време на балканските војни се случија страшни воени злосторства. Само политичките екстремисти го отфрлаат ставот дека во Сребреница биле извршени неописливи злосторства. И само наjбезумните луѓе не се подготвени да ги признаат и да им оддадат почит на тие жртви, напиша Ѓуриќ.

Тој изјави дека предложената резолуција на ОН била тесно фокусирана и изготвена без консултации со сите регионални заедници и страни во балканските војни.

-Секоја резолуција на ОН за страдањата во балканските војни треба да ги почитува 100.000 жртви. Овие жртви заслужуваат еднаква правда, третман и сеќавање, како и почит од меѓународната заедница без разлика на нивната националност, раса или религија. За жал, нацрт-резолуцијата се обидува да спомене и издвои една група, рече Ѓуриќ.

Тој повтори дека предлог-резолуцијата ги поткопува Уставот и владеењето на правото во Босна и Херцеговина бидејќи е изготвена, предложена, коспонзорирана и лобирана од амбасадорот Златко Лагумџија, постојан претставник на ОН за Босна и Херцеговина, без законски пропишана согласност од тричленото Претседателство на таа држава.

-Тоа напредуваше во тајност, без консултации со српскиот ентитет во земјата или неговите избрани претставници и без каков било обид да се признаат десетици илјади други жртви на војната, истакна Ѓуриќ ден пред гласањето во Њујорк.

На 18 мај предлагачите на нацрт-резолуцијата за Сребреница ја утврдија конечната верзија на тој документ, за која утре ќе расправа ГС на ОН, а во преамбулата на текстот стои дека „кривична одговорност според меѓународното право за кривично дело геноцид е индивидуализирана“.

Иницијатори на предложениот текст беа Германија и Руанда, а амандманите на нацртот беа поднесени од Владата на Црна Гора. Конечниот нацрт на резолуцијата предвидува 11 јули да биде прогласен за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница, кој би се одбележувал секоја година.

Министерот Ѓуриќ и претседателот на Србија Александар Вучиќ, кој ја предводи делегацијата, од понеделник се во Њујорк и одржуваат средби со постојани претставници во ОН на кои го презентираат ставот на Белград за, како што наведуваат, штетните последици од усвојувањето на оваа резолуција за односите во регионот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.