Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, денес изјави дека притисоците од Западот да ја поддржат Резолуцијата за геноцидот во Сребреница се огромни и дека, како што наведе, „постојат индиции дека Грција, а можеби и Романија, ќе го сменат својот став“, јави дописникот на МИА од Белград.

Тешко им е на Србите да разберат дека Грците гласаат за ова, исто како што ни беше мачно да гледаме како Гркинка предлага влез на Косово во Советот на Европа, рече Вучевиќ, на телевизија Прва, во врска со апелот на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, Грција да се воздржи од гласање за резолуцијата во Генералното собрание на Обединетите нации.

Тој оцени дека усвојувањето на резолуцијата ќе има последици и за Србија и за регионот на Западен Балкан, дека следен чекор е укинување на Република Српска и ревизија на Дејтонскиот спор, како и дека некој си поигрува со пожар на Западен Балкан.

Вучевиќ кажа дека „инженерите“ на резолуцијата намерно избрале за неа да гласаат од земји или народи блиски до Србите за дополнително да не понижат.

Резолуцијата го означува српскиот народ како геноциден, иако ние сме народ кој страда, рече тој.

Според него, амандманите на Црна Гора на резолуцијата „во суштина не менуваат ништо во неа, туку фрлаат прашина во очи“.

Не можеме да го запреме гласањето на таа резолуција, бидејќи таква е геополитиката, но за нас ќе биде голем успех ако мнозинството земји бидат против и се воздржат. Тоа ќе биде јасна порака до светот дека суштински потфрлија, иако формално ќе ја изгласаат, изјави премиерот Вучевиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.