Во присуство на претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, министри од грчката Влада, како и министерката за одбрана на Франција, Флоренс Парли, но и во присуство на публика, по пауза од две години, во Атина се одржа традиционалната воена парада по повод годишнината од востанието за независност на Грција.

По двегодишната пауза поради пандемијата, Грците имаа можност одблиску да ја следат парадата, но сепак центарот на Атина беше под драконски безбедносни мерки, а публиката далеку од свечената ложа и грчкиот Парламент.

Оваа година немаше никакви ограничувања за публиката, а единствено постоеше сина препорака граѓаните кои ќе ја следат парадата да носат маска.

Покрај оклопните возила, претседателската гарда, пешадија итн, заедно со останатите воени авиони на военото воздухопловство, на атинското небо прелетаа и француските авиони Рафал кои неодамна пристигнаа во Грција.

Грчката претседателка, Катерина Сакеларопулу по парадата порача дека годишнината од востанието „потсетува дека народите го заземаат своето место на мапата на историјата со верба во сопствените сили, единството и страста за слобода“.

Примерот на борците од 1821 година нè инспирира во постојаната одбрана на нашиот национален суверенитет – порача Сакеларопулу.

На 25 март во 2020 и 2021 година Грција беше во карантин, поради што пред две години парадата беше откажана, а лани, за јубилејот на Грција, кога се одбележаа 200 години од востанието за независност, парадата беше без публика, под строги безбедносни мерки и здравствени протоколи, со ограничен број претставници на медиумите и само со високи гости.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.